Тениски судија од БиХ суспендиран поради обложување

Меѓународната агенција за интегритет во тенис  ја потврди четиригодишната суспензија на Дамјан Дејановиќ, тениски судија од Босна и Херцеговина, поради шест прекршувања на Тениската антикорупциска програма.

Дејановиќ призна дека се обложувал на професионални тениски натпревари, но ги отфрли обвинувањата за манипулација со резултатите и заговор во врска со извршувањето на коруптивни прекршоци во врска со два меча на кои бил судија, објави ИТИА.

Рочиштето за овој случај беше одржано преку видео конференција на 9. октомври 2024 година, а независната судска службеничка за борба против корупцијата, Дијана Тешиќ, пресуди дека Дејановиќ е виновен за сите шест прекршоци, кои се случиле помеѓу 2022 и 2023 година. Дејановиќ, кој учествуваше на ИТФ турнирите од 15.000 долари, исто така е казнет со 5.000 евра.

Привремената суспензија на Дејановиќ започна на 8. јануари 2024 година, а неговата суспензија ќе трае до 7. јануари 2028 година. Во овој период, на Дејановиќ му е забрането да извршува официјални функции на кој било тениски настан одобрен или санкциониран од ИТИА, вклучувајќи ги и АТП, ИТФ, ВТА, Тенис Австралија, Француската тениска федерација, Вимблдон и УСТА, како и сите национални тениски асоцијации.

Се вчитува...