Аморим ќе му покаже црвен картон: Рашфорд на трансфер-листа во Манчестер Јунајтед

Манчестер Јунајтед врти нова страница под водство на Сер Џим Ратклиф, кој веќе јасно стави до знаење дека планира коренити промени за да го врати гигантот од „Олд Трафорд“ онаму каде што припаѓа. Прв цената ја плати Ерик тен Хаг, отказ пред неколку дена доби и директорот Ешворт, а се очекува по нивни патеки да тргне и Маркус Рашфорд.

Англискиот голгетер е продукт на младинската академија на Јунајтед, дебитираше на 18-годишна возраст во 2016 година, во него долго се гледаше како на лидер на нападот на „црвените ѓаволи“, но Рашфорд ги оправда очекувањата само во сезоната 2022/23, кога постигна 30 погодоци во сите натпреварувања. Тој беше најголемо разочарување во тимот на Јунајтед ланската сезона, а во ист стил продолжи и претходните неколку месеци.

Новиот тренер Рубен Аморим му даде шанса, но Португалецот воопшто не бил импресиониран од залагањето на Рашфорд кој е најплатен фудбалер во тимот со неверојатни 325.000 фунти неделна заработувачка. Тој не крие дека ќе бара нов голгетер што поскоро, па поради тоа Аморим дал зелено светло на идејата на управата Рашфорд да биде ставен на трансфер-листа. Британските медиуми најавуваат дека тој ќе биде достапен за сума од 50 милиони фунти уште во јануарскиот преоден рок, но многу поверојатно е дека Рашфорд ќе ја заврши сезоната во дресот на Јунајтед, па дури потоа во текот на летото ќе си замине од „Олд Трафорд“.

Се вчитува...