Арина Сабаленка се закити со признанието за ВТА тенисерка на годината, откако Белорусинката се искачи на врвот на ВТА-листата по освоените четири трофеи во 2024, во изборот во кој учествуваат тениските медиуми ширум светот.
Таа ја одбрани титулата на Австралија Опен, стигна и до трофејот на УС Опен, а беше најдобра и на турнирите во Синсинати и во Вухан. Одличната форма и овозможи да ја симне Ига Швијонтек од тронот на женскиот тенис во октомври, по што Сабаленка се уште се наоѓа на првото место ан ВТА-рангирањето.
Белорусинката го пропушти настапот на Вимблдон поради повреда, а потоа реши да не настапи ниту на ОИ во Париз давајќи приоритет на своето здравје. Таа ја заврши годината со 56 победи и 14 порази.
Паула Бадоса го доби признанието за тениски камбек на годината, а за дебитант на годината беше избрана Лулу Сун. Наградата за најдобар дубл во женскиот тенис им припадна на Јасмин Паолини и Сара Ерани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

