Кој го сака Осимен во јануари, ќе мора да плати две клаузули

Виктор Осимен цел летен преоден рок важеше за една од главните теми во италијанската фудбалска јавност, но асот на Наполи одби да се пресели во Саудиска Арабија, го налути Де Лаурентис и на крајот заврши на позајмица во Галатасарај.

Одличниот голгетер игра во топ-форма за новиот клуб, постигнувајќи 10 гола и 5 асистенции на 13 средби севкупно во сите натпреварувања, што е доволна препорака за Осимен повторно да биде актуелен на фудбалскиот пазар. Аморим бара нов класичен голгетер за Манчестер Јунајтед, Јувентус будно ја следи ситуацијата, а во трката се вклучи и ПСЖ, но клубовите кои го сакаат Осимен веќе во јануарскиот преоден рок треба да знаат дека ќе мораат да платат две клаузули за овој трансфер да може да биде реализиран.

Како што информира „Газета дело спорт“, во новиот договор на Осимен со „наполитанци“ има клаузула за откуп од 75 милиони евра. Покрај тоа, во договорот за едногодишна позајмица во Галатасарај постои опција Нигериецот да си замине во јануари, но тоа ќе значи уплата од шест милиони евра на сметка на турскиот гигант.

Јувентус ќе мора најпрвин да го продаде Влаховиќ за да има пари за Осимен, Јунајтед истовремено ја следи и ситуацијата со Гјокереш од Спортинг Лисабон, па според италијанските медиуми, Осимен во моментов е најблиску до преселба во ПСЖ, тим што има финансиски ресурси, но и огромна потреба од „врвна деветка“ во својот играчки кадар откако ниту Рамос ниту Коло Муани не се снајдоа најдобро во тактичките замисли на Луис Енрике.

Се вчитува...