Познати се полуфиналистките во Купот „Благоја Георгиевски – Буштур“

Екипите на Баскет кам, Крива Паланка, Бадел 1862 и Вардар ќе играат во завршницата од Купот на Македонија „Благоја Георгиевски-Буштур“ во женска конкуренција.

Тие излегоа како победници во четвртфиналето, и сосема заслужено обезбедија место во следната рунда, односно финалниот турнир во ова натпреварување.

Бадел 1862 беше подобар ривал во дуелот против екипата на МЗТ Скопје, кој требаше да има најголема неизвесност. Но „баделки“ се покажаа ако доста поквалитетен противник и стигнаа до убедлива победа (78:54), која им носи уште едно учество на финалниот турнир.

До полувремето се стекнаа со двоцифрена предност (33:23), а пресудна беше третата четвртина по која домашната екипа поведе со недостижни (60:37).

Пет домашни кошаркарки завршија со двоцифрен број на поени, ги предводеше Николов, која постигна 20, Маркоска имаше 16, Димковска 15, Стојковска имаше 11, а Петрушевска заврши со 10. Кај МЗТ Скопје, Поп-Стојанова имаше 14, Блажевска 11, а Митрева уште 10.поени.
Повеќе од убедлив триумф запиша бранителот на трофејот во Куп-натпреварувањето.

Баскет кам беше пресилен ривал за неготински Спорт тим победи екипата од Македонска Каменица со големи (116:59). Доминираше Димова која постигна 38.поени за домашната екипа, Максимовска имаше 15, Хафхалауи даде 14, а Поп Димитровска уште 10. поени.

Одлична кај Спорт тим беше Ковтин, која постигна 31.поен.

По слично „сценарио“ помина и дуелот во Скопје во кој кошаркарките на Вардар дојдоа до лесна победа против делчевски Патриот 2016 (115:54).

Ања Начевска беше стрелец на 30.поени, Џангаровска реализираше 15, а Тасевска 14, Трајковска уште 10.поени за Вардар. Во екипата од Делчево, Ангеловска дојде од бројката од 16.поени.

Во последното четвртфинале, уште една доминантна игра на кошаркарките на Крива Паланка, доволна за убедлив триумф против екипата на Струга 2009 со резултат (95:68), за максимален ефект во полусезоната која ја завршуваат победнички на двата „фронта“, како првенството така и во Купот на Македонија.

На оваа средба домашната екипа голем дел од дилемите тргна уште во првата четвртина во која дојде до висока предност (36:10).

Американката Меклејни реализираше 35.поени, Алексовска даде 17.поени, а Робинсон уште 13 во победничкиот тим.

Во поразениот, Муртезани постигна 16.поени.

Согласно со системот за натпреварување, формирани се и двете полуфинални двојки. За место во финалето ќе играат: Баскет кам-Бадел 1862 односно Крива Паланка и Вардар.

​​​​​​КУП НА МАКЕДОНИЈА „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ-БУШТУР“- ЖЕНИ

ЧЕТВРТФИНАЛЕ – РЕЗУЛТАТИ

Баскет кам – Спорт тим 116:59

Вардар – Патриот 2016 115:54

Бадел 1862 – МЗТ Скопје Аеродром 78:54

Крива Паланка – Струга 2009 95:68

ДВОЈКИ – ПОЛУФИНАЛЕ

Баскет кам – Бадел 1862

Вардар – Крива Паланка

Се вчитува...