Како гласаа Македонците за ФИФА: Селекторот Милевски изненади, ниту еден бод за Винисиус

Вечерва беше обелоденето дека Винисиус е добитник на наградата „The Best“ што ја доделува ФИФА за најдобриот фудбалер во една календарската година, според гласовите на селекторите и капитените на сите репрезентации, надополнети со гласање на новинарите.

Обелоденети беа гласовите на сите селектори и капитени, а за нас најинтересно дефинитивно беше да видиме за кого гласаа селекторот Благоја Милевски и капитенот Енис Барди.

Кормиларот на македонскиот национален тим е едно од најголемите изненадувања во овој избор, не давајќи му ниту еден бод на победникот Винисиус, но и бирајќи го десниот бек Дани Карвахал за свој фаворит. Второто место според гласовите на Милевски му припадна на Белингем, а третопласиран според македонскиот селектор е Родри.

Барди на првото место во своето рангирање го смести Родри, пред Винисиус и пред Ерлинг Халанд на третата позиција.

Она што е интересно, Родри имаше повеќе гласови од Винисиус и кај тренерите и кај новинарите, но пресуди огромната разлика на освоени бодови меѓу капитените, од кои Бразилецот собра 617 гласови наспроти 373 на Родри.

Третото место во гласањето за „The Best“  му припадна на Џуд Белингем, зад кого во Топ 10 следеа уште: Дани Карвахал, Ламин Јамал, Лео Меси, Тони Крос, Ерлинг Халанд, Килијан Мбапе и Флоријан Вирц.

Се вчитува...