Милвоки го освои НБА Купот

Првиот трофеј во НБА сезоната, помалку престижниот наменет за победникот на несекојдневното натпреварување кое беше воспоставено дури минатата година, го подигнаа кошаркарите на Милвоки, откако во финалето на НБА Купот во Лас Вегас убедливо ја совладаа екипата на Оклахома со 97-81.

По возбудливото и изедначено прво полувреме, во кое Оклахома почесто беше во водство, но не позначајно од седум поени, Милвоки одигра силна трета четвртина во која прими само 14, а на другиот крај од теренот постигна 26 поени, и замина на плус 13 – 77:64.

Најголема заслуга за триумфот на Милвоки има незапирливиот Јанис Антетокунбо, кој доминираше во целото второ полувреме. Натпреварот го заврши со трипл-дабл учинок – 26 поени, 19 скока и 10 асистенции. Забележа три блокади и две украдени топки, па беше прогласен за најкорисен играч (МВП) на Купот.

Во тимот на Док Риверс се истакна и искусниот Демијан Лилард, кој во тандем со грчкиот претставник претставуваше нерешлива енигма за одбраната на Тандер. Тој постигна 23 поени, со четири скока и асистенции.

Се вчитува...