Поранешната тенисерка број еден во светот, а моментално 877. тенисерка на ВТА ранг-листата, 33-годишната Романка Симона Халеп доби покана од организаторите да се појави во квалификациите на првиот Грен слем турнир следната сезона, Австралија опен, кој ќе се одржи во Мелбурн од 12 до 26 јануари.
Во октомври 2022 година, Халеп беше суспендирана на четири години поради позитивен допинг тест, но по жалба казната и беше намалена на девет месеци бидејќи беше утврдено дека намерно не ја земала забранетата супстанца роксадустат. Таа годинава играше на турнирот „мастерс 1000“ во Мајами во март и на ВТА турнирот во Хонг Конг во октомври, но и двата пати загуби во првото коло.
Најдобриот резултат Халеп го постигна во Мелбурн во 2018 година кога играше во финалето.
16-годишниот Австралиец Круз Хјуит, син на поранешниот играч број еден во светот и актуелен селектор на австралиската Дејвис куп репрезентација, Лејтон Хјуит, доби покана да се појави во тениските квалификации. Круз на тој начин ќе има можност да го повтори дострелот на својот татко, кој во 1997 година како 15-годишник доби покана да настапи во квалификациите за Австралија опен, а потоа дебитираше на Грен слем.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА