Серџо Перез повеќе не е возач на Ред Бул откако вечерва беа официјализирани најавите дека овој тим ќе ја прекине соработката со мексиканскиот возач, кој и сезонава мина во целосна сенка на шампионот Макс Ферстапен.
Слично како и лани, Перез добро ја стартуваше сезоната, но како што одминуваше времето така неговата форма се движеше во надолна линија, што придонесе Ред Бул да остане без титулата во конкуренција на конструктори. Мексиканецот последниот подиум го имаше во петтата овосезонска трка, а управата на австрискиот Ф-1 тим реши да го раскине договорот со него, иако истиот беше со времетраење до декември 2026 година.
„Бескрајно сум благодарен за изминатите четири години во тимот на Ред Бул, со кој имав можност да се натпреварувам со извонреден болид. Возењето за Ред Бул е искуство што нема да го заборавам додека сум жив“, изјави Перез.
Се очекува местото на 34-годишниот Мексиканец да му припадна на Лијам Лосон, 22-годишниот возач од Нов Зеланд кој прикажуваше добри резултати во тимот на „Рејсинг Булс“, а сега ќе добие шанса и во елитното друштво.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА