Аморим: Рашфорд требаше да дојде кај мене, наместо да дава интервју…

Рубен Аморим не крие дека е разочаран од однесувањето на Маркус Рашфорд, откако голгетерот во интервју за англиските медиуми најави дека е подготвен да си замине од Манчестер Јунајтед во потрага по нови предизвици.

Изјавата пристигна неколку дена откако Рашфорд беше изоставен од тимот на Јунајтед за градското дерби со Манчестер, а Аморим верува дека фудбалерот требало да реагира на поинаков начин.

„Ако бев јас во случајот на Маркус Рашфорд, ќе тропнев на вратата на тренерот и ќе имавме долг и искрен разговор. Знам дека некогаш им е тешко да разберат што правам бидејќи во одредени ситуации сум премногу емотивен, но верувам дека искрен разговор е подобра опција од давање интервју во медиумите“, изјави Аморим.

Португалскиот стратег потенцираше дека тој има доверба во квалитетите на Маркус Рашфорд и дека напаѓачот ќе добие шанса да покаже за што е способен.

„За мене нема сомнеж дека сме подобар тим кога го имаме Маркус Рашфорд, тоа е кратко и јасно. Ќе се обидеме да направиме различни работи за Маркус да се врати на нивото од претходните години. На овој клуб му се потребни врвни таленти, а Рашфорд дефинитивно спаѓа во таа категорија“, порача менаџерот на Манчестер Јунајтед.

Аморим го остави Рашфорд надвор од тимот и за денешниот дуел од англискиот лига-куп против Тотенхем, но во однос на тимот што настапи против Сити овојпат се враќа Аргентинецот Гарначо.

Се вчитува...