Горан Пандев спортски директор на националните селекции, Илија Најдоски и Агим Ибраими советници на новиот претседател на ФФМ

Марјан Стојкоски е нов потпретседател на ФФМ, Дрилон Ганиу в.д. генерален секретар. Веднаш по завршувањето на Вонредно изборно генерално Собрание на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), новиот претседател на ФФМ, Масар Омерагиќ одржа состанок со членовите на Управниот одбор на федерацијата.

На состанокот, на предлог на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, членовите на Управниот одбор на ФФМ го избраа Марјан Стојкоски од ОФС Прилеп за потпретседател на Фудбалската федерација на Македонија на местото од досегашниот потпретседател, Лазар Ракиџиев. Марјан Стојкоски претходно беше член и на Управниот одбор во времето на Харалампие Хаџи-Ристески, а потоа и во времето на Илчо Ѓорѓиоски.

На седницата, исто така, беше констатирана оставката од функцијата генерален секретар на Наталиа Илиевска Божиновска.

За в.д. генерален секретар во Фудбалската федерација на Македонија е назначен Дрилог Ганиу, досегашен заменик на првиот оперативец во „Куќа на фудбалот“.

На предлог на новиот претседател на ФФМ, македонската фудбалска легенда, Горан Пандев е назначен за спортски директор на сите македонски репрезентативни селекции. Еден од великаните на македонскиот фудбал, Илија Најдоски заедно со нашиот поранешен репрезентативец, Агим Ибраими се назначени за советници во кабинетот на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.

Се вчитува...