Омерагиќ: Милевски останува селектор на репрезентацијата на Македонија

Фудбалската федерација на Македонија доби нов претседател откако денеска на вонредното изборно собрание таа почест ја доби Масар Омерагиќ.

По неговиот избор, Омерагиќ зборуваше за многу теми, а една од нив беше и селекторската функција во А – тимот. Тој вели дека Благоја Милевски ќе остане селектор на репрезентацијата и дека не размислува за промени во сениорскиот тим.

„Приоритетите се да имаме комплетна реконструкција на младинските категории каде работите не стојат добро. Ние не го искористивме пласманот на ЕП за да добиеме млади играчи. Таму стагнираме, имаме лоши резултати, па таму ќе направиме една реформа која во две години ќе покаже резултати. Сите треба да бидат расадник за репрезентацијата до 21 година, за потоа тие играчи да влезат во А-тимот.

За волја на вистината, не се размислува за промени во сениорската репрезентација. Ние бевме први во групата, немам намера да влечам нефудбалски потези. И покрај кризата во играта, ние бевме први во групата. Во март започнуваме со квалификациите, не планирам никакви промени, се ќе зависи од резултатите и игрите понатаму“, заклучи новиот претседател на ФФМ.

Се вчитува...