„Партизан има долг од 53 милиони евра“

Директорот на спортки прашање на фудбалскиот клуб Партизан, легендата Предраг Мијатовиќ одново отворено говореше за проблемите со кои се соочува славниот српски клуб.

Истите се темалат и на финансии бидејќи долгот на ФК Партизан изнесува 53 милиони евра, откри Мијатовиќ.

„Време е да направиме пресек на сработеното во последните три месеци и да ја претставиме информацијата на јавноста, а пред сè на навивачите на Партизан. Вкупниот долг на фудбалскиот клуб изнесува 53,18 милиони евра. Од нив, Партизан должи 7,25 милиони евра на други клубови – странски и српски. Вкупниот долг кон фудбалери, тренери и други специјалисти изнесува 10,22 милиони евра. Даночниот долг е 22,47 милиони евра. Треба да додадеме и 4,91 милиони евра за фудбалски агенти, кредити во износ од 6,8 милиони евра и други долгови од 1,47 милиони евра. Ова е точната сметка. Нашата проценка е дека до крајот на сезоната овој долг ќе се намали за 3,8 милиони евра.

Од 1 јануари 2017 година досега, Партизан има заработено вкупно 145,81 милиони евра врз основа на спонзорства од јавни компании, државни субвенции, продажба на играчи и приходи од УЕФА. Добивме 11,68 милиони евра од јавни претпријатија, директната државна помош во овој период е над 14 милиони евра, што вкупно изнесува 26 милиони евра. Клубот заработи 81,3 милиони евра од продажба на играчи, а 32,24 милиони евра од УЕФА. Купувањето играчи чинеше 24 милиони евра, а на агентите им беа исплатени 8 милиони евра. Вкупните трошоци, вклучувајќи ги и платите, изнесуваа 33 милиони евра. Ова е сликата на приходите и трошоците од 2017 до крајот на 2024 година.

Не поминува ден без закани за судски спорови од поранешни играчи, агенции и други тужители. Ова е апсолутен хаос. Ангажиравме тројца адвокати кои ќе се обидат да стават крај на овој хаос. Тие работат за 0 евра. Важни се исто колку и фудбалерите. Најголемата катастрофа за мене се судските спорови. Ќе работиме деноноќно, со цел да бидеме први – без разлика дали играме со младинци или со десетмина како Меси и Роналдо. Партизан мора да биде шампион! Премија ќе се дава само за прво место. Најмногу нè загрижува мониторингот на УЕФА, што не е наивна работа. Треба да се движиме во насока на обезбедување средства за успешно да го поминеме мониторингот во октомври.

Ќе треба да бараме помош од државата, нема друг начин, и верувам дека ќе ја добиеме“, изјави Мијатовиќ.

Се вчитува...