Аврамовиќ одби камбек во Евролигата: Останувам во ЦСКА, тој е најорганизираниот клуб во Европа

Алекса Аврамовиќ минатото лето одби неколку понуди од клубови од Европа, дури и од НБА-лигата и реши да се пресели во ЦСКА Москва. Српскиот плејмејкер се наметна како лидер на рускиот тим, воедно и најдобар играч во досегашниот дел од ВТБ-лигата, па неслучајно повторно се појави на листата со желби на врвните европски клубови.

Макаби испрати богата понуда за да го доведе Србинот за стартен плејмејкер во вториот дел од сезоната, но Аврамовиќ покажа максимален респект и лојалност кон сегашниот клуб, јасн ставајќи до знаење дека не планира да ги менува клупските бои во блиска иднина.

„ЦСКА за мене е најорганизираниот клуб во Европа, без разлика што поради моментната ситуација не игра во Евролигата. Потпишав двогодишен договор и планирам да останам, да го одработам до крај. Ништо друго не ме интересира“, изјави Алекса Аврамовиќ за српски „Моцарт Спорт“.

Тој ги потврди и информациите дека во текот на летото имал неколку понуди од НБА-лигата што ги одбил, и не се кае поради тоа.

„Дали имаше приказна за НБА? Точно е, по ОИ во Париз имав јавувања и понуди, нема да ги откривам имињаата на клубовите. Сепак, се беше некако недоволно конкретно, па решив да дојдам во ЦСКА. И во ниту еден момент не се покајав за таа одлука“, открива Аврамовиќ.

Се вчитува...