Кузмановски: Од прв ден почнавме со анализа, мораме да бидеме и физички и тактички подготвени за СП

Македонските ракометари во Стара Пазова ги продолжуваат подготовките за СП во Хрватска, каде „црвено-жолтите“ се надеваат на најмалку една победа во првата група во Вараждин, што би значело и пласман во следната мундијалска фаза.

Филип Кузмановски веќе неколку години наназад важи за лидер на националниот тим, а бекот на Е. Пелистер е задоволен од она како течат подготовките, вклучувајќи ги тука и анализите на противниците, селекциите на Унгарија, Холандија и Гвинеја.

„Расположението и мотивацијата се на највисоко ниво. Пред нас е уште едно големо првенство. Знаеме колку беше тешко да дојдеме до него и колку сите напорно работиме за да бидеме дел од овој колектив. Од прв ден почнавме со анализа на нашите противници. Ќе се соочиме со квалитетни репрезентации, мораме да бидеме добро подготвени, и физички и тактички. Ќе имаме доволно време да се спремиме до стартот на првенството. Во следниот период ќе одиграме и контролни натпревари на кои ќе можеме да го испробаме тоа што го подготвуваме за нашата група“, изјави Филип Кузмановски.

Се вчитува...