Барди си ги бара парите пред да замине од Трабзон

Енис Барди се подготвува за заминување од Трабзонспор, очекуван исход откако управата на клубот го шокираше македонскиот капитен вклучувајќи го на листата од четири играчи кои уште пред два месеци беа отстранети од првиот тим на Трабзон.

За услугите на Барди веќе постои сериозен интерес, но заминувањето се одолговлекува поради инсистирањето на нашиот ас да ги наплати преостанатите пари од договорот што го има со Трабзонспор. Тој договор истекува во јуни 2025 година, управата му даде зелено светло на Барди сам да си ја избере следната дестинација, но тој се чувствува изневерено од клубот за чии бои даваше се од себе кога и да добиеше шанса да ги покаже на терен своите квалитети.

Турските медиуми информираат дека Хатајспор притиска за потписот на Барди, понуди има и од клубови надвор од оваа земја, но засега се е стопирано поради барањето за исплата на преостанатите плати што раководството не сака да го исполни. Сепак, за наредните денови е закажан состанок на кој конечно би требало да биде најден заеднички јазик, по што Барди и дефинитивно ќе го остави овој кошмарен период зад себе.

Се вчитува...