Артета го бара спасот во ПСЖ

Арсенал се соочува со огромни проблеми по повредата на Букајо Сака, извонедниот крилен офанзивец кој го скина мускулот на последниот премиерлигашки дуел на „топчиите“. Оптимистичките прогнози се дека тој би можел да се врати на терените до февруари, но песимистичките велат дека Сака би можел да паузира дури и до средината на март. Затоа, Микел Артета е свесен дека мора зимава да доведе ново засилување за навалната линија, а погледите се свртени кон Париз.

Францускиот репрезентативец Коло Муани се наоѓа на излезна врата од ПСЖ откако од Луис Енрике јасно му беше ставено до знаење дека не е дел од неговите планови. Муани секако имаше мала минутажа, изминатиот месец воопшто не влегуваше во игра, а по најавите од клубот овој голгетер веќе ја почна потрагата по нов ангажман.

Арсенал будно ја следи ситуацијата и веќе стапи во контакт со агентот на Муани. Кај фудбалерот постои желба да им се приклучи на „топчиите“, но проблем е што Арсенал сака да го доведе само на шестмесечна позајмица, додека од ПСЖ веќе ставија до знаење дека тоа ќе е возможно само доколку биде вклучена клаузула за задолжителен откуп во текот на летото.

Сепак, Артета инсистира на доаѓањето на Муани, веќе е закажана и нова рунда преговори, па останува да се види дали клубовите ќе успеат да најдат заеднички јазик за францускиот напаѓач веќе во текот на следната седмица и официјално да се пресели на „Емирати“.

Се вчитува...