МОК ги додели признанијата за 2024: Милјана Рељиќ е „Златна Олимпија“ на Македонија! (ФОТО)

Македонскиот олимписки комитет синоќа на официјална свеченост во хотелот „Хилтон“ во Скопје ги додели наградите „Златна Олимпија“ за 2024 година на најуспешните спортистки спортски работнички од Македонија.

Статуетката „Златна Олимппија“ на Македонија како најуспешна спортистка за 2024 година ја понесе таеквондистката Милјана Рељиќ, која дојде до четвртфиналето на Летните Олимписки Игри 2024 во Париз. За најнадежна млада спортистка, пак, беше прогласена Марија Димовска, светска шампионка во кикбокс на Светското првенство кое се одржа во Будимпешта, Унгарија.

„Златната Олимпија е спој на талентот, спој на успехот, убавината и сето она што во себе го носи женскиот спорт. Ова е спортски настан кој што ја слави жената од секој аспект и затоа е посебен. Среќен сум што овој настан ги постигна своите цели да покаже колку е важен родовиот баланс, и што успеа да наметне силна волја кај женската популација за максимален спортски натпревар по кој успесите не изостанаа. А, ние како МОК, сме тука да бидеме со секој спортист и спортистка, да создадеме спокоен амбиент за работа, да бидеме максимална поддршка од секаков аспект како дом на македонскиот спорт, како дом на секој поединец“ – истакна претседателот на МОК, Даниел Димевски, во своето обраќање пред присутните синоќа.

Даниел Димевски

Признанието за женски тренер на годината го добија Ивана Аврамова од карате и Жаклина Стојановска од кошарка, а за најистакната спортска работничка беше прогласена Соња Спасовска од Кошаркарската федерација.

Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија беше прогласена за федерација со најголеми успеси во делот на женските национални тимови.

Федерацијата која покажа посветеност и лидерство во унапредување на родова еднаквост за 2024 година е Фудбалската федерација на Македонија, а признанието за најуспешно женско судиско дуо за 2024 година го добија Силвана Карбевска и Марија Илиева во ракомет.

Наградата за животно дело ја доби Луиза Гашева, а ултрамаратонката Радмила Јованова зад себе го запиша спортскиот подвиг на годината.

Посебно признание добие Спортското радио 90,3 како медиум кој посебно се залага за спортот во женска категорија. Ребека Јанковска Ристески беше наградена за нејзината заложба за деца со попреченост.

Признанија добија и Црвениот Крст, Волонтерскиот центар Скопје, Интернационалната полициска организација (ИПА) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) за нивната поддршка и придонес во спортот.

Се вчитува...