Унион Берлин брзо го реши прашањето за нов тренер откако пред неколку дена се раздели од Бо Свенсон. Од неколкуте стратези кои беа во игра, изборот падна на Штефан Баумгарт, кој во периодот од 2002 до 2004 година како играч настапуваше за Унион, а сега се враќа во Берлин како шеф на стручниот штаб на овој клуб.
Баумгарт тренерската кариера ја почна во Магдебург во 2009 година, а последните два клуба што ги водеше беа Келн и Хамбургер.
„Го избравме Штефан Баумгарт бидејќи сме убедени дека тој е вистинскиот тренер за нас. Начинот на кој го води тимот и прави фудбалерите да напредуваат беа значајна причина за да ја донесеме оваа одлука. Тој има искуство од Бундес-лигата и добро го знае нашиот клуб“, изјави менаџинг директорот Хорст Хелт.
Унион е без триумф на последните девет средби во сите натпреварувања, по што падна на 12. место на табелата. Баумгарт своето деби ќе го има на гостувањето против Хајденхајм закажано за 11 јануари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА