Ламин Јамал полека, но сигурно се наметнува како нова ѕвезда на светскиот фудбал, откако суперталентот на Барса ја предводеше Шпанија до титулата на ЕВРО 2024, а потоа продолжи и со импресивни изданија во дресот на каталонскиот гигант на стартот од сезонава.
Честите повреди го спречија да ја задржи фантастичната форма, но младиот Ламин делува решено во 2025 година да продолжи да напредува како што тоа беше случај лани. Тој се наоѓа во центарот на вниманието на медиумите, а во последното интервју откри и интересен детал – дека Лео Меси не му бил омилен играч на Барселона.
„Меси е навистина добар, но ако ме прашате дали ми беше идол, одговорот би бил НЕ. Тоа беше Нејмар, јас уживав кога го гледав Бразилецот и учев доста од неговите потези. Имав пет години кога првпат го видов како игра за Сантош. Две години подоцна го запознав на Камп Ноу, тоа беше неверојатно чувство. Меси и тогаш беше во Барса, тој знае дека јас многу го почитувам, но Нејмар отсекогаш бил мој идол и тоа нема да се промени“, изјави Јамал.
Паралелно со успешната фудбалска кариера, бисерот на каталонскиот гигант наоѓа време и за училишните обврски.
„Морам секој ден да одам на часови и да пишувам домашни задачи. И навистина секој ден ги извршувам тие обврски. Сепак, наставниците имаат разбирање, па ме поштедуваат ако имаме важен натпревар. Од друга страна, ако знаат дека пред нас е нешто полесен распоред, веднаш добивам и дополнителни домашни задачи“, коментира Ламин Јамал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА