Вест Хем денеска и официјално ја прекина соработката со Хулен Лопетеги, врачувајќи му отказ на поранешниот шпански селектор само шест месеци по неговото доаѓање на чело на овој лондонски премиерлигаш.
Лопетеги на 1 јули го наследи Дејвид Мојес на клупата на „чеканите“, но не ги оправда очекувањата на клупската управа и навивачите. Челниците неколку пати му дадоа шанса да најде излез од резултатската криза, но откако тоа не се случи беше само прашање на време кога ќе дојде до разделба на двете страни.
Вест Хем утрово ја откажа прес-конференцијата што попладнево требаше да ја одржи шпанскиот стратег, по што следеше и објавата за прекин на соработката. Лопетеги го напушти клубот со шест победи, пет реми и девет порази во 20 натпревари во Премиер-лигата, по што Вест Хем се наоѓа на разочарувачката 14. позиција на табелата.
Апсолутен фаворит за нов предводник на „чеканите“ е поранешниот стратег на Челси, Грем Потер. Преговорите се интензивираа во последните 24 часа, а Потер начелно прифатил договор на шест месеци, со можност за продолжување на уште две години, па се очекува во најскоро време и официјално биде назначен за нов менаџер на овој лондонски премиерлигаш.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА