Крај на сезоната за најдобрата биатлонка од минатата година

Италијанската биатлонка Лиза Витоци која го освои Светскиот куп минатата сезона, ја заврши сезоната поради повреда на грбот, соопшти италијанската федерација за зимски спортови.

Витоци неколку пати го одложуваше своето враќање од почетокот на сезоната. Таа настапи на првата станица на Светскиот куп во Контиолахти, Финска, но во декември ги прескокна натпреварите во австриски Хохфилцен и француски Ле Гранд-Борна.

„Решивме да не форсираме враќање на натпреварите, за да не ризикуваме и да ги загрозиме следните неколку месеци од тренинзите“, објави 29-годишната Италијанка во соопштението за медиумите.

Минатата зима, италијанската биатлонка за првпат во кариерата го освои големиот Кристален глобус, додека на СП во чешко Нове Место стана светска шампионка во поединечна конкуренција на 15 километри.

Се вчитува...