Кошаркарскиот клуб Пелистер предизвика бурна реакција во јавност со последното барање за целосно почитување на пропозициите за одигрување на натпревари, акцент ставајќи на топлите сали, но и на останатите аспекти кои не беа почитувани во првиот дел од сезоната.
Битолчани добија поддршка од бројни страни, а денеска се јавија со ново соопштение, во кое повторуваат дека нема да играат без елементарни услови за кошарка, но и јасно ставаат до знаење дека сакаат победи на терен, а не на маса. Поради ова, „пелистерци“ предлагаат одлагање на натпреварите од првото коло од продолжението на сезонава закажано за викендов, за останатите клубови да добијат време да ги исполнат условите што од нив се бараат согласно пропозициите.
Соопштението на КК Пелистер го пренесуваме во целост…
Почитувани,
КК Пелистер јавно се заблагодарува на поддршката на нашата иницијатива добиена од Здружението на професионални кошаркари, како јасен доказ дека барањето на нашиот клуб е со единствена цел – спорт во нормални услови и напредок на кошарката.
Очекуваме идентична поддршка и од Здружението на тренери, кое треба да го искаже својот став за оваа ситуација. Јасно е дека тренерите треба да застанат во одбрана на кошарката, но и зад своите играчи, бидејќи е јасно колку во вакви условви можат да ги мотивираат кошаркарите за тренинг и невозможно е да се извлече максимумот од играчите на нивното работно место (теренот, за време на натпреварите).
Бегство на мак-баскетот од дното во кое моментно се наоѓа е нешто што треба да биде приоритет не само за сите актуелни чинители во нашата кошарка, туку и за легендите на овој спорт од минатото и сите оние играчи, тренери и други стручни лица чија поддршка би била од огромно значење во оваа ситуација.
Сакаме уште еднаш да потенцираме, за на сите да им биде јасно – оваа иницијатива на КК Пелистер беше покрената со единствена цел – да се крене нивото и да се создадат елементарни услови за играње кошарка во Првата лига, согласно пропишаните пропозиции:
- Температура
- Семафор
- Семафор за 24 секунди
- Осветлување во салата
- Пристојни соблекувални
Не е наша цел да победуваме службени натпревари, КК Пелистер сака сите победи да ги остварува на терен, а не на маса. Од таа причина, наш предлот е стартот на вториот дел од сезоната да биде одложен додека не се обезбедат елементарни услови за официјален натпревар. Притоа, потенцираме дека треба да се запази моментнио ростер на тимовите во овој момент за првото коло што ќе биде одиграно во 2025 година.
Здружението на прволигаши не треба да стравува од крајниот датум за завршување на првенството бидејќи веќе немаме екипи кои настапуваат на меѓународни натпреварувања, па календарот секако може да биде адаптиран за сезоната да финишира во веќе утврдените рокови.
Исто така, нема никаква потреба од страв и сомнеж за нашиот предлог за ждребање при утврдување на судиските тројки, во спротивно ќе биде ставен голем сомнеж на процесот на делегирање на чело со сегашниот Комесар за натпреварување. Потенцираме – Пелистер моментно се наоѓа на делба на првото место на табелата и ова барање не е никакви алиби за резултати, туку цврста идеја за развој со оглед на оправданите сомнежи што ги имаме како клуб за мотивите и работата на Комесарот за натпреварување.
КК Пелистер добронамерно го испраќа овој предлог за одложување на вториот дел од сезоната, уште еднаш повторувајќи го својот став – нема да играме натпревар во кој нема технички елементарни услови за одигрување.
Предлог до федерацијата:
Не сакаме да навлегуваме во вашиот проектиран буџет, но парите од казните што ги имате само во првиот дел од сезоната (аршинот на казнување на Комесарот е друга тема во која сега не сакаме да навлегуваме), тие средства може да се насочат кон избирање и набавка на официјална топка.
Приходите од казни не се вкалкулирани во буџетот на федерација, овие пари доаѓаат од клубовите и апелираме до куќата на кошарката да се вратат кон клубовите – во вид на помош преку обезбедување на основни средства.
Веќе две сезони играме со истите топки кои се избрани токму од КФСМ, и ако федерацијата сака да им помогне на клубовите, може да ја скрати таа беда да нема доволно топки за тренинзи и натпревари.
Кога е во прашање спортот, суетите треба да се тргнат на страна – и сите заедно да работиме за доброто на кошарката
Со почит,
КК Пелистер
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА