Шоуто може да почне: Денеска игра Македонија на Светско првенство

ЕКИПА во Хрватска,

Стеван Цаневски

Светското првенство во ракомет официјално стартуваше вчера, но денешниот ден е особено значаен за нас бидејќи денеска нашите ракометари го почнаат својот настап на Мундијалот во Вараждин, со пресметката со селекцијата на Унгарија закажана за 20.30 часот.

Самиот факт дека и покрај смената на генерации, која секогаш за сите земји носи сериозни проблеми околу континуитетот, ние годинава го играме 14. големо натпреварување во низа е најдобар можен доказ зошто ракометот се уште е спорт број 1 во Македонија. Кире Лазаров успеа да извади „џокер“ од ракавот во баражот со Фарските Острови, враќајќи се од нокдаунот во Торшавн за со голема победа во Скопје да биде осигурано учеството на седмиот мундијал во низа.

Новиот костур на националниот тим е веќе видлив, Митревски дава сигурност на голот, Кузмановски е лидер со капитенска лента, се поголема одговорност зема Марко Митев… а огромен плус ни е и камбекот на Ненад Костески, кој ќе биде огромен адут со својата брзина, но и умешност за завршување на офанзивните акции „нацртани“ од селекторот Лазаров.

Добра вест е што групата овојпат е нешто поповолна отколку пред две години во Полска, па сега за ривал ја имаме Гвинеја и победа над оваа селекција практично ќе значи и пласман во главната фаза. Сепак, радува што нашите ракометари најавуваат жестока борба и на претходните две средби, денешната со Унгарија и онаа в петок против Холандија, со цел да им ги замрсат сметките на двата главни фаворита во групата.

Македонија повторно е на Светско првенство, но сега веќе самото учество не е успех сам по себе – време да се направи чекор напред, најпрвин да се обезбеди пласман во главната рунда, а зошто да не и да се забележи уште некоја победа, како доказ за растот на нашата подмладена селекција која допрва ќе носи радости на македонската спортска јавност.

Се вчитува...