Реал Мадрид и Макаби одиграа за историја, на крајот славеа „кралевите“

Реал Мадрид многу тешко и во финишот го совлада Макаби со 116-113 во 21. коло во Евролигата. Двата тима одиграа меч за историја, затоа што ова беше натпревар со најголем број поени во првото полувреме во историјата на Евролигата (57-63) и меч со најмногу поени (без продолженија) откако се игра најелитното европско клупско кошаркарско натпреварување.

Одличен почеток на мечот имаше Макаби, кој беше во водство се до крајот на првата делница кога Реал се врати и замина на првиот одмор со предност од 33-30. Во вториот период Макаби целосно ја прочита играта на противникот, па дојде до предност и само ја зголемуваше, за на полувреме да замине со предност од шест поени.

Реал Мадрид не успеа да најде противигра за противникот ниту на стартот на вториот дел, но затоа во финишот на третиот период успеа да се врати, да дојде до предност и да замине со +1 во решавачката четвртина.

Во последниот период се играше главно кош за кош, Реал Мадрид константно беше во предност, но не поголема од пет поени разлика, за во финишот и Макаби да дојде двапати до предност, но на крајот домашните беа поприсебни и дојдоа до победата.

Кампацо со 31 поен беше најефикасен на средбата, а следуваше Хезоња со 25 поени. Кај гостите Јокубаитис со 20 беше најдобар поединец.

Се вчитува...