Лазаров против Чема Родригез – ракометните генијалци вечерва во тренерски дуел

ЕКИПА во Хрватска,

Стеван Цаневски

Унгарија и Македонија ќе излезат на мегдан во вториот меч од првото коло во групата Д од СП 2025, пресметка што воедно ќе претставува и тренерски дуел на две ракометни легенди, Шпанецот Чема Родригез како кормилар на Унгарците и нашиот Кире Лазаров, како предводник на македонскиот нациоанлен тим.

Двајцата големи асови делеа фантастични моменти играјќи заедно со Сиудад Реал, потоа и во Атлетико Мадрид, а Лазаров има само пофални зборови за својот добар пријател.

„Сум играл со многу средни бекови, во големи клубови, а Чема Родригез ми беше еден од омилените соиграчи – средни бекови. Тој како играч беше ракометар кој играше за левите и десните бекови. Бевме блиски, многу се дружевме и семејно. Имаме многу добри спомени, двапати освојувавме титули, два пати игравме финале на Лигата на шампионите тој како среден, јас како десен бек. Се видовме овде во хотелот, се поздравивме зборувавме за убавите спомени. Како играч беше ракометен генијалец, таков се покажува и како тренер. Како среден бек, секогаш има идеи, има креација знае да ги препознае работите и мислам дека Унгарија добива многу со него“, вели Лазаров.

Чема исто така не го криеше воодушевувањето од квалитетите на својот добар пријател на почетокот од тренерската кариера на Лазаров.

„Кирил и јас игравме заедно две години во Сиудад Реал и Атлетико Мадрид, рамо до рамо, добри пријатели сме, не е добро да играме еден против друг, но таков е спортот. Ќе биде од исклучителна важност за двете екипи да ги освојат двата бода“, истакна Чема Родригез.

Се вчитува...