Консеисао: Можам да зборувам и два часа, но ако играчите не разбираат…

Милан стигна до триумф на гостувањето против Комо, повторно враќајќи се од негатива како што тоа беше случај и на двете средби од Супер-купот на Италија.

Серџо Консеисао внесе карактер и тимски дух во таборот на „росонерите“, но португалскиот стратег не крие дека станува исфрустриран што неговиот тим почнува да игра дури откако ќе прими гол и ќе се најде во негатива.

„Полудев крај аут-линијата. Навистина се мачевме, игравме против добра екипа со квалитетни фудбалери кои се водени од добар тренер. Минавме многу време во анализа на противникот, знаевме што да очекуваме, но кога излеговме на терен делувавме загубено. Јас можам да зборувам и два часа да објаснувам една работа, но ако играчите не разбираат што се бара од нив, од почеток до крај на натпреварот, тоа веќе е проблем. Секако, ме радува карактерот што го покажуваме, способноста да се вратиме, но не треба воопшто да дозволиме да се најдеме во таква ситуација, не може на секој меч да им дозволуваме на противниците да прават 5-6 стопроцентни шанси за гол. Ни треба многу пресинг, многу трчање, јас како тренер имам јасна идеја за тоа како треба да игрраме, но фудбалерите очигледно не се навикнати на ваков тип на работа. Тие мислат дека ако играме висок пресинг ќе треба да трчаат повеќе, но тоа не е точно, со таков вид на игра се трча помалку“, изјави Консеисао.

Се вчитува...