Кузмановски е на делба на првото место на листата на стрелци, Костески најдобар „крадец“

Првото коло од СП 2025 што се игра во Данска, Норвешка и Хрватска е пред комплетирање, а македонскиот капитен Филип Кузмановски се наоѓа на делба на првото место на листата на стрелци на овој шампионат.

Нашиот бек одигра извонредно на натпреварот со Унгарија постигнувајќи 10 гола, ефект што во првото коло го имаа само уште тројца ракометари, и тоа Данецот Матијас Гидсел, германскиот репрезентативец Ренарс Ушчинс и Италијанецот Лео Прантнер.

Притоа, Кузмановски имаше и три асистенции, па Македонецот заедно со Ушчинс е на врвот на листата со најмногу придонеси за гол (голови плус асистенции) по првото коло од ова СП (двајцата имаат по 13).

Македонија има лидер и во категоријата „украдени топки“ по првото коло, и тоа десното крило Ненад Костески. Тој беше максимално фокусиран во одбраната на синоќешниот дуел, освојувајќи три топки додека противникот беше во напад. Три украдени топки во првото коло имаше само уште Данецот Арнолдсен.

Се вчитува...