Манчестер Сити го договори и Мармуш, Пеп се врти кон асот на Јувентус

Управата на Манчестер Сити прави се за да ги исполни желбите на Пеп Гвардиола за засилување на играчкиот кадар, договарајќи уште еден трансфер што треба да се реализира до крајот на оваа седмица.

Омар Мармуш ќе стане нов член на англискиот првак откако Сити конечно се договори со Ајнтрахт околу висината на трансферот. Германскиот клуб инсистираше на 80 милиони евра отштета, Манчестер Сити почна со понуда од 50 милиони, за на крајот да се најдат заеднички на отштета од околу 70 милиони евра, по што Мармуш ќе добие зелено светло за да допатува во Манчестер на лекарски прегледи и потпис.

Египетскиот ас кој има 15 погодоци сезонава во Бундес-лигата е второ засилување на Сити зимава, откако беше договорено и доаѓањето на Узбекистанецот Хусанов од Ленс. Исто така, договорено е и доаѓањето на бразилскиот тинејџер Витор Рејс, но се очекува овој дефанзивец да се врати назад во татковината и да ја заврши сезонава во дресот на Палмеираш, по што летово ќе пристигне официјално на „Етихад“ и ќе му се стави на располагање на Пеп Гвардиола.

Гвардиола не планира да застане тука, па вниманието на трофејниот стратег и на челниците на Сити сега е насочено кон Андреас Камбијасо од Јувентус. Левиот бек може да игра и во средниот ред, а токму универзалноста го прави идеален играч во тактичките замисли на Гвардиола.

Самиот италијански репрезентативец изразил подготвеност за трансфер, но проблем претставува што Јувентус инсистира на 80 милиони евра отштета ако Сити го сака Камбијасо во овој преоден рок. „Граѓаните“ за денеска имаат закажано нова рунда разговори со „старата дама“, а не се исклучува можноста сумата да биде спуштена на околу 55 милиони евра, а Камбијасо за возврат да ја заврши сезонава во дресот на Јуве пред летово да се пресели во Премиер-лигата.

Се вчитува...