Нејмар: Мбапе беше љубоморен на Меси кога Лео дојде во Париз

Нејмар веќе подолго време е надвор од натпреварувачки ритам, а тренерот Жезус објави дека Бразилецот воопшто нема да биде пријавен од Ал Хилал за настап во вториот дел од сезоната.

Сепак, поранешната фудбалска суперѕвезда останува во фокусот на јавноста, овојпат со интервју во татковината во кое меѓу другото говореше и за случувањата во ПСЖ и односите меѓу Килијан Мбапе и Лео Меси. Нејмар и Мбапе дојдоа заедно во ПСЖ во летото 2017, долго време се пишуваше за нивните несогласувања, а Нејмар обелодени дека односот дополнително им се нарушил кога во 2021 на „Паркот на принцовите“ пристигна и Меси, со кого Бразилецот беше добар пријател уште од времето во Барса.

„Имав свои ситуации со Мбапе, имавме и мала караница, но тој беше многу важен за тимот кога дојдов во ПСЖ. Го нарекував „златно момче“ и секогаш играв со него, кажував дека ќе биде еден од најдобрите, еднаш дојде и кај мене на вечера, што не се случуваше со останатите фудбалери. Мислам дека нашето партнерство беше добро, штета што не ја освоивме Лигата на Шампионите, но кога дојде Меси тој се однесуваше љубоморно. Јас се знаев долги години со Лео и логично беше да бидам близок со него, а кај Мбапе веднаш се забележа промена во однесувањето. Имаше конлфликти, караници, нешто што не се забележуваше кај него претходните години. Добро е да се има его, но треба да знаеш дека не можеш да играш сам фудбал. Мора да имаш добри фудбалери крај себе, играчи кои ќе трчаат и ќе те покриваат, без нив никогаш нема да освоиш ништо“, истакна Нејмар во интервјуто што го водеше бразилската фудбалска легенда Ромарио.

Се вчитува...