Нова повреда на Французинот во Реал Мадрид

Едуардо Камавинга издржа до самиот крај на теренот на синоќешниот маратонски меч против Селта, но фудбалерот на Реал Мадрид скапо ја плати пожртвуваноста и сега ќе мора да отсуствува од терените.

Тој се пожали на повреда на мускулот во продолжението од куп-дуелот, но бидејќи Анчелоти веќе немаше замени стручниот штаб побара тој да остане на теренот за Реал да не биде со играч помалку. Камавинга го стори тоа, даде свој придонес за победата, но деталните прегледи по дуелот покажаа дека состојбата му се влошила.

„Кралевите“ денеска преку соопштение ја потврдија информацијата дека Камавинга има повреда на мускулот на левата нога, а паузата ќе изнесува најмалку три седмици.

Францускиот интернационалец сигурно ќе ги пропушти последните две средби од ЛШ против Салцбург и Брест, како и дуелите од Ла Лига со екипата на Лас Палмас, Валјадолид и Еспањол. Во таборот на Реал се надеваат дека тој ќе може да се врати за големото градско дерби со Атлетико Мадрид закажано за 9 февруари.

Се вчитува...