Ѓоковиќ емотивно од Мелбурн: Насилството над студентите е пораз за цела Србија

Новак Ѓоковиќ без многу проблеми славеше над Чехот Лехецка и се пласираше во четвртфиналето на Австралија Опен каде ќе ги одмери силите со Карлос Алкараз.

Србинот одби да даде изјава за една австралиска телевизија која го критикувала заедно со неговите навивачи, но затоа Ѓоковиќ подоцна даде опширна изјава за медиумите од татковината, осврнувајќи се на ситуацијата во Србија. Студентските протести се главна тема повеќе од еден месец кај нашиот северен сосед, а Ѓоковиќ јавно им даде поддршка на младите луѓе кои се борат за подобра иднина.

„Ги следам случувањата во Србија иако сум овде во Австралија, не можам да глумам дека ништо не се случува. Секако дека ме погаѓаат работите што ги гледам, како случката со Соња од пред неколку дена (девојка што беше прегазена од залетан автомобил при мирниот протест пред еден од факултетите). За жал, тоа не е единствената ситуација на насилство над студентите и над младите луѓе. Како да ви кажам… тоа е голем пораз за нас како општество, за цела Србија генерално. Мојата поддршка секогаш оди кон младите луѓе, студентите и сите оние на кои им припаѓа иднината на нашата земја. Не се гледам себе си како млад човек, веќе сум на средна возраст, но би сакал моите деца да растат во Србија. Моја желба е младите луѓе од странство да се вратат да живеат во Србија, да се развиваат како луѓе во нашата земја, Србија да биде средина што ќе им го овозможи тоа“, истакна Ѓоковиќ.

Се вчитува...