ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Македонија чекори сигурно кон победа што ќе значи пласман во главната фаза од СП 2025 откако нашите ракометари по првото полувреме имаат водство од 14-10 против Гвинеја. Помалку од дваесет минути се мачевме да го скршиме отпорот на африканската селекција, но сепак успеавме да го сториме тоа благодарение на одличниот Кизиќ на голот (седум одбрани) и капитенот Филип Кузмановски (пет гола), па со предност ќе влеземе во вторите 30 минути.
Македонија го почна мечот со Кизиќ како прв голман, Јагуриновски на десен бек, додека Ѓоргиев беше замена на позицијата среден бек на местото на повредениот Марко Митев. Првиот гол го постигнавме во 4. минута, од пенал на Кузмановски за израмнување на 1-1, а при 2-2 промашивме два зицера од крило, откако Костески и Атанасијевиќ шутираа во дирекот од гвинејскиот гол. Првото водство го имавме во 8. минута, кога Лазаревски стрелаше прецизно на асистенција на Филип Кузмановски.
Кизиќ влезе во серија одбрани, но ние продолживме да промашуваме зицери (5-4), па од одлични позиции не реализираа најпрвин Петар Атанасијевиќ, а потоа и Маркоски. Казната стигна преку пивотот Сисоко, кој израмни на 5-5, Кузмановски стрелаше за 6-5, резултатот по кој гвинејскиот селектор побара тајмаут. „Фалангата“ во салата се разбуди и им даде поддршка на ракометарите, но следеа нови грешки кои противникот ги искористи за да поведе со 6-7.
Ѓоргиев постигна важен гол за 8-7, притоа изнудувајќи и исклучување од Паске. Македонија конечно влезе во ритам и почна да се одлепува резултатски, Павле Атанасијевиќ стрелаше прецизно за 11-8, изнудувајќи уште едно исклучување од противничките ракометари. Кизиќ бранеше одлично до крајот на полувремето, Лазаров побара тајмаут при 11-8 и веќе во следниот напад стигнавме до „плус четири“ со третиот гол на Костески. Кизиќ го продолжи шоуто на голот, па по нова негова интервенција тргна наша полуконтра што со гол ја круниса дебитантот во нашите редови, Валентин Карасманакис. Во финишот од полувремето падна концентрацијата во нападот, па наместо да ја зголемиме предност, на одмор заминавме со позитива од 14-10.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

