Прва победа на СП: Македонија лесно ја прелета Гвинеја, за пласман во главната фаза

ЕКИПА во Вараждин,

Стеван Цаневски

Првичната цел е исполнета – Македонија ќе биде дел од главната фаза од СП 2025 откако нашата репрезентација вечерва лесно славеше над селекцијата на Гвинеја со убедливи 29-20. „Црвено-жолтите“ одиграа како што се очекуваше од нив, со целосна контрола над играта и резултатот не дозволувајќи победата во ниту еден момент да биде доведена во прашање. Филип Кузмановски одигра уште еден блескав меч во нападот, додека Марко Кизиќ блескаше на голот добивајќи шанса од стартот откако Лазаров реши да му даде заслужен одмор на Никола Маркоски.

Во нападот делувавме бавно од самиот почеток, па првиот гол го постигнавме на истекот од 4. минута, со седмерецот што го реализираше Кузмановски. Костески Атанасијевиќ промашија зицери од крило, пред Лазаревски да донесе прво водство на Македонија од 3-2. Кизиќ го почна своето шоу на голот на „црвено-жолтите“, Кузмановски презеде одговорност на спротивната страна, но новото опуштање во нашите редови им овозможи на противниците да поведат со 6-7. Конечно се разбудивме во последните десетина минути од првото полувреме, нашиот напад доби на разновидност, па така со голот на дебитантот Карасманакис стигнавме и до најубедливи 13-8, за на одмор да заминеме со 14-10.

Вториот дел го почнавме со подобра фокусираност во одбраната, па набрзина зголемивме на 16-10 (Кузмановски и Лазаревски), за по новите одбрани на Кизиќ да стигнеме и до плус осум (19-11) со двата гола во низа што ги постигна Иван Џонов. Гвинејците се почесто грешеа во своите напади, а Македонија знаеше како да го искористи тоа и набрзина поведовме и со 20-11. Тандемот Кизиќ  – Кузмановски продолжи да доминира на двете страни од теренот, па нашиот капитен на половина од второто полувреме го прослави својот десетти гол на мечот, за водство од 23-14.

Поедата беше целосно осигурана, па финишот мина во опуштена игра , со многу грешки и промашени удари на двете страни, а позитивата на Македонија се движеше меѓу седум и девет гола, за Павле Атанасијевиќ со прекрасен гол да реализира за 28-20, пред Ѓоргиев со гол од контранапад да стави печат на мечот, за конечни 29-20.

Филип Кузмановски со 12 гола беше главна фигура на овој натпревар, четири гола постигна Костески, три имаа Ѓоргиев и Павле Атанасијевиќ, а по  два пати прецизни беа Џонов, Лазаревски и Серафимов. Кизиќ беше извонреден на голот на Македонија со 14 успешни интервенции.

Македонија својот настап на овој мундијал го продолжува веќе во вторник, кога за противник ќе ја имаме селекцијата на Австрија.

Се вчитува...