ЕКИПА во Вараждин
Стеван Цаневски
Македонија е во главнaта рунда на СП 2025 откако „црвено-жолтите“ вечерва славеа над Гвинеја со 29-20, ставајќи печат на успешната прва фаза.
Факт е дека оваа рунда можевме да ја завршиме со повеќе од три освоени бода (од нив, во следната рунда ќе пренесеме еден – од ремито со Унгарија), но уште поочигледен е впечатокот колку нашиот национален тим има напредувано како колектив во изминатите 12 месеци.
Начинот на кој париравме на големата Унгарија, извонредниот тимски дух покажан и покрај судискиот грабеж со Холандија… за денеска оваа „Нова Македонија“ да покаже дека има научено уште една лекција – да победува на рутина ривали што се послаби од неа.
Славевме без многу мака, притоа заслужен одмор добија и голем дел од поискусните ракометари, а оние помладите добија можност да почувствуваат што значи мундијалски меч – и воглавно ја оправдаа довербата.
Од натпревар во натпревар одиме кон подобро, тој тренд нека продолжи и во главната фаза, на пресметките со Австрија и со Катар.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

