Нејмар не дава попуст, си ги бара сите пари од Ал Хилал

Нејмар веќе ги спакува куферите и си бара нов клуб, но бразилскиот голгетер јасно стави до знаење дека нема намера да си замине од Ал Хилал пред да ги добие сите пари што му следат од пребогатиот договор што го има со шампионот на Саудиска Арабија.

Екс-фудбалерот на Барселона треба да добие уште 65 милиони долари за преостанатите шест месеци што треба да ги мине во овој клуб. Тој се врати по тешката повреда на коленото, одигра само две средби, па повторно се повреди, а тренерот Жезус во меѓувреме го избриша од списокот за регистрирани фудбалери за вториот дел од сезоната, јавно изјавувајќи дека Нејмар веќе не е физички подготвен да игра на највисоко ниво.

Голгетерот очигледно се почувствувал навреден од ваквите коментари, па веќе испратил порака до Ал Хилал дека без разлика дали ќе си замине или не, очекува да ги добие сите пари што му следат според договорот. Тој преговара со Сантош за да се врати во клубот каде што ја почна блескавата кариера, подготвен е да прифати значително помала плата и од она што го заработуваше во Европа, но планира да го покрие од „богатиот чек“ што ќе го добие од арапските шеици.

На потег е управата на Ал Хилал, која ќе треба да даде одговор на барањето на Нејмар, дали ќе ја исплати сумата што Бразилецот ја бара и ќе му даде зелено светло за заминување, или доколку веќе му ги даде парите, ќе го остави „врзан“ со договор да тренира и да не игра фудбал до истекот на договорот во јуни 2025.

Се вчитува...