ЕМОФ 2025 е шанса да покажеме дека Македонија е подготвена за врвни спортски настани

Кои се најважните аспекти од вашата улога како спортски координатор и како се подготвувате за голем спортски настан како што е ЕМОФ Скопје 2025?

Како спортски координатор, мојата задача е да обезбедам сите спортски активности на фестивалот да бидат организирани според највисоките стандарди. Како што се приближува фестивалот, кој ќе се одржи кон крајот на јули оваа година, така и ангажманот станува се поголем, но секако и мотивацијата е на повисоко ниво. Ова вклучува тесна соработка со сите спортски федерации во Македонија, организација на спортските натпревари, координација на објектите и обезбедување техничка поддршка. Подготвуваме детален оперативен план за секој спорт поединечно, внимавајќи на правилата на меѓународните спортски федерации. Дополнително, постојано сме во контакт со странските делегации за да ги разбереме нивните потреби и очекувања. Ова не е само организациска улога, туку и можност за градење мрежа на соработници и претставување на Македонија како сериозен и професионален домаќин на меѓународни спортски настани.

Соработувате со сите спортски федерации во земјата. Како го оценувате нивото на соработка и што се прави за да се обезбеди успехот на фестивалот?

Соработката со спортските федерации е исклучително важна и морам да нагласам дека досега сме сведоци на огромна посветеност и ентузијазам од нивна страна. Сепак, оваа соработка е комплексен процес, бидејќи секоја федерација има свои специфики и барања. Работиме на редовна комуникација преку состаноци, обуки и заеднички анализи. Нашата цел е да им обезбедиме поддршка и ресурси за да ги подготват своите спортови на најдобар можен начин. Дополнително, преку овој процес се обидуваме да ја зајакнеме внатрешната координација помеѓу федерациите, што ќе биде од клучно значење за понатамошниот развој на македонскиот спорт.

Какви се вашите очекувања за учесниците и спортистите што ќе бидат дел од ЕМОФ 2025? Како ова искуство ќе им помогне на младите таленти?

Очекуваме дека учесниците ќе ја почувствуваат магијата на спортот и олимпискиот дух. За многу од нив, ова ќе биде првото искуство на ваков голем меѓународен настан, што ќе биде клучен момент во нивната кариера. Фестивалот ќе им даде можност да се натпреваруваат со врвни спортисти од цела Европа, да стекнат нови искуства и да изградат контакти што можат да им помогнат во нивниот понатамошен развој. Дополнително, за македонските спортисти, ова е шанса да се натпреваруваат на домашен терен пред својата публика, што е единствено чувство кое може да ги мотивира за најдобрите резултати.

Кои се предизвиците со кои се соочувате во подготовката на инфраструктурата и спортските објекти?

Инфраструктурата е еден од најголемите предизвици за ваков настан, бидејќи мораме да осигураме дека сите објекти ги задоволуваат меѓународните стандарди. Дел од објектите треба да бидат реновирани, а некои нови да се адаптираат за специфичните потреби на спортовите. Работиме со тимови од инженери, архитекти и спортски експерти за да го завршиме сето тоа навреме и со висок квалитет. Дополнително, посветуваме внимание и на логистичките аспекти, како што се пристапноста за спортистите и публиката, транспортот и сите други детали што влијаат на целокупното искуство на настанот.

Како овој настан ќе влијае врз идниот развој на спортот во Македонија?

Нашиот целокупен спорт се соочува со многу предизици секојдневно, а ЕМОФ 2025 има потенцијал да направи трансформација во македонскиот спорт. ЕМОФ е од големо значење за издигнување на сите спортови што ќе бидат присутни на фестивалот, за претставување на олимписката сцена за млади и секако чекор напред во заедничката соработка на федерациите и Олимпискиот комитет. Се надевам дека ќе се покажеме како добри организатори, спортски работници и спортисти, по што и понатаму ќе не препознаваат. Освен што ќе ја подобриме инфраструктурата, фестивалот ќе ги мотивира младите да се вклучат во спортот и ќе покаже дека спортот може да биде сериозна професија. Дополнително, соработката со меѓународните федерации и контактите што ќе ги создадеме ќе отворат нови можности за македонските спортисти и тренери. Ќе се зголеми и поддршката од јавноста и институциите за спортските проекти, што ќе биде основа за понатамошен развој.

Што би им порачале на младите што ќе учествуваат како спортисти или волонтери?

Да бидат горди што ќе бидат дел од ова историско поглавје за Македонија. За спортистите, ова е шанса да го покажат својот талент и да создадат спомени кои ќе ги инспирираат во текот на целиот живот. За волонтерите, ова е можност да научат нови вештини, да стекнат меѓународно искуство и да станат дел од тим што прави промени. Ангажманот и посветеноста што ќе бидат вложени денес ќе отворат врати во иднината. Ова е настан што сите заедно го создаваат, а резултатот ќе биде гордост за целата земја.

Се вчитува...