Ибрахимовиќ: Донесовме пет нови фудбалери, ајде сега да почнеме да победуваме…

Милан беше најактивен во изминатиот преоден рок во италијанскиот фудбал, особено во последниот ден во кој „росонерите“ го засилија нападот со Хименез и со Жоао Феликс, но успеаја да ги доведат и Сотил од Фиорентина и Ворен Бондо од Монца.

Ако на нив им се додаде и искусниот Кајл Вокер кој минатата седмица пристигна од Манчестер Сити, јасно е дека „росонерите“ го кренаа квалитетот во својот ростер. Директорот Златан Ибрахимовиќ беше присутен на денешната промоција на Сантијаго Хименез како нов голгетер на „росонерите“, при што легендарниот Швеѓанец не го криеше задоволството што мексиканскиот напаѓач пристигна на „Сан Сиро“.

„Овде сме за да го претставиме новиот Милан. Долго време го следевме Хименез, се обидовме и минатото лето да го доведеме, но не беше возможно. Денеска тој е тука со нас и тоа е најважно. Говориме за многу квалитетен фудбалер, желен за постигнување на голови, одличен е во шеснаесетникот и сигурно ќе ни биде од голема помош. Тој ќе дојде во силна екипа, ќе игра со Леао, Реиндерс, Пулишиќ, Вокер и со многу други фудбалери кои можат да му помогнат. Не се грижете, дури и голманот Мењон знае како да асистира за гол“, со шега го заврши првиот дел од излагањето Златан Ибрахимовиќ.

Потоа, тој се осврна на сработеното во зимскиот преоден рок од страна на управата, потенцирајќи дека сега очекува многу подобри резултати од екипата.

„Вчерашниот ден беше многу интензивен, но држиме се под контрола. Морам да им се заблагодарам на сите соработници бидејќи завршивме одлична работа во финишот. Не е тајна дека не сме задоволни од позицијата на која се наоѓаме сезонава, затоа и донесовме пет нови фудбалери. Сите одлуки кои се донесени беа по консултациите со тренерот. Сега мораме да почнеме да победуваме, да го намалиме заостанувањето зад екипите на врвот“, јасен е Златан во својата порака кон Консеисао и фудбалерите.

Се вчитува...