Марсело пред неколку дена објави дека ја завршува својата фантастична фудбалска кариера, а легендарниот лев бек во интервјуто дадено во татковината говореше на најразлични теми. Главен акцент сепак беше ставен на Реал Мадрид, клубот во кој бразилскиот дефанзивец ги оствари најдобрите резултати во кариерата.
„Направив се што сакав во фудбалот, немав ниту една тешка повреда во кариерата, играв за најдобриот клуб во светот… Му благодарам на Флорентино Перез што секогаш се грижеше за мене и за моето семејство, тоа многу ми значеше и затоа останав пријател со него до ден денеска“, вели Марсело.
Бразилецот ги спореди и двајцата врвни тренери со кои работеше во Реал, Жозе Мурињо и Зинедин Зидан.
„Со Жозе имав навистина големи проблеми на почетокот, јас сакав да ја имам топката во свои нозе, а тој ми наредуваше дека моам да ја одземам од противникот за тоа да се случи. Многу пати ми велеше дека не знам да играм одбрана, но дека тој е тука да ме научи. Беше тензично на моменти, но на крајот се излезе добро. Што се однесува до Зидан, тој е чиста спротивност. Ми ја даде слободата што ја барав и ме направи подобар играч. Се сеќавам како ќе викнеше: Марсело, оди напред, Кашемиро ти го чува грбот“, со насмевка коментира легендарниот лев бек.
Тој обелодени и приказна од своето заминување од Мадрид што досега не беше позната во јавноста.
„Кога и да дојдев на тренинг, се гледав со економот, луѓето кои чистеа во базата, луѓето од обезбедувањето, за мене тоа се нормални луѓе со професии кои мора да бидат ценети. Кога го напуштав Мадрид, ги повикав и нив на мојата проштална забава. Беа шокирани, ми рекоа дека никој никогаш нема направено такво нешто за нив. Тоа беа луѓе кои со години беа дел од моето секојдневие, јас не можев да замислам да не ги поканам“, вели Марсело.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

