Аморим знае што сака, но Јунајтед нема пари за да му ги исполни желбите…

Рубен Аморим има кошмарен старт на авантурата во Манчестер Јунајтед, резултатите се крајно слаби и разочарувачки, а згора на тоа управата беше неочекувано тивка во јануарскиот преоден рок, носејќи го само Доргу од Лече како засилување за првиот тим на „црвените ѓаволи“.

Португалецот очекуваше поголемо освежување на играчкиот кадар, тоа не се случи, а последните информации велат дека управата ќе го разочара тренерот и кога станува збор за летниот преоден рок. Имено, Аморим знае добро што сака и што му недостига во тимот, ќе инсистира на доведување на врвен голгетер на „Олд Трафорд“, а на неговата листа со желби се наоѓаат Виктор Гијокереш од Спортинг и Виктор Осимен од Наполи.

Двајцата се достапни за отштета од 65 милиони евра, но проблем за Јунајтед е што новата управа не покажува амбиција да троши богатство на нови засилувања. Впрочем, во последните месеци сме сведови на кревање на цените на сезонските карти и отпуштање на вработените во клупската администрација како први потези на Џим Ретклиф како предводник на најтрофејниот англиски клуб.

Тој претходно најавуваше дека ќе испише нова историја со Јунајтед, но зборовите барем засега остануваат празни ветувања. Аморим ќе има пари за трошење од продажбата на актуелните играчи, но Рашфорд, Антони, Хојлунд и останатите ѕвезди кои имаат огромна плата во Манчестер немаат преголема пазарна вредност. Во ситуација кога покрај напаѓач е неопходен и уште еден врвен дефанзивец, но и најмалку двајца нови фудбалери во средниот ред, тешко е да се поверува дека Аморим ќе биде задоволен од активностите на управата и во наредниот преоден рок.

Се вчитува...