Манчестер Сити игра катастрофална сезона во Премиер-лигата, а „граѓаните“ се на работ на елиминација и од Лигата на Шампионите откако синоќа загубија на домашен терен од Реал Мадрид со 2-3. И додека Пеп Гвардиола се жали на повредите на фудбалерите, легендарниот Вејн Руни јавно го критикуваше трофејниот стратег поради неговиот третман на Кајл Вокер.
Дефанзивецот беше во немилост на Пеп од почетокот на сезонава, на крајот во јануари замина на позајмица во Милан, што според Руни било тотално погрешен потег на Гвардиола.
„Мислам дека сите добро знаат колку важен играч беше Кајл Вокер за играта на Манчестер Сити во последните седум-осум години. Затоа, беше многу чудно што го пуштија среде сезона да оди, и тоа на позајмица, притоа не доведувајќи негова замена и инсистирајќи на Аканжи, кој очигледно не може да биде десен бек. Се форсира и Рико Луис, кој е премногу млад за цело време да го ротирате на различни позиции во тимот.. Ако ја видите моментна ситуација на Сити, многу попмаетно ќе беше Пеп да го задржеше искусниот Вокер, кој ќе му беше од помош пред се во Лигата на Шампионите, кога веќе трката за титулата во Премиер-лигата е загубена“, вели Руни.
Тој се потсети на делот од кариерата кога во Манчестер јунајтед за свој тренер го имаше Жозе Мурињо, посочувајќи како реагирал „специјалниот“ за разлика од Гвардиола.
„Јас ја имав истата ситуација со Мурињо кога не бев во составот на Јунајтед. Барав разговор со тренерот во јануари и тој ми кажа: Остани до крајот на сезоната, ми требаш за да ни помогнеш во Лигата на Европа. Искрено, ми беше тешко да го прифатам тоа, но знам дека го почитував Жозе што искрено ми кажа се во лице. Јас останав, а тој самиот си замина на крајот на сезоната“, се присетува Вејн Руни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

