Обрадовиќ: „Ако е ова организација на Куп…“, Сферопулос: „Не ми се допаѓа однесувањето на навивачите“

Црвена Звезда повторно го однесе пехарот во Купот „Радивој Корач“ во Србија кој го добија од рацете на довчерашниот нивни претседател а сега прв човек на Кошаркарскиот сојуз на Србија, Небојша Човиќ.

Партизан имаше во рацете победа во регуларниот дел од синоќешното финале, но Карлик Џоунс не успеа да погоди едно од двете слободни фрлања за победа, па во продолжението триумфираше Црвена Звезда. Во моментите додека го изведуваше првото слободно фрлање Џонс беше гаѓан со предмети од трибините, но судиите иако размислуваа, на крај, не дозволија повторување на слободното фрлање кое го промаши за победа на Партизан.

Жељко Обрадовиќ на прес-конференцијата зборуваше и за целокупната организација на финалето но и навредите од навивачите на Црвена Звезда кон него во текот на целиот натпревар, за какви во минатото се празнеле и сали кога се во прашање „Гробарите“, но сега организаторот остана „глув и нем“.

„Им честитам на моите играчи за извонредниот натпревар и за се што направија во ситуација кога игравме ден по ден, три дена по ред. Многу фактори влијаеја на тоа што загубивме, нема потреба да објаснувам. Им честитам на Црвена звезда за освојувањето на трофејот. Им се заблагодарувам на навивачите, каде и да играме, тие се таму, не се сомневам дека сè им е јасно. Критериумите за судење беа различни. Прекршоците беа неверојатни, чекорите беа очигледни и не беше ист критериум на двете страни. Но, не потреба да се задржуваме на работи што сите ги знаеме. За што зборуваме? Тие ќе зборуваат за тоа околу пет секунди и тоа е тоа“ – истакна Обрадовиќ по мечот, притоа осврнувајќи се и на бројните фрлани предмети на паркетот.

„Имаат снимки, сè е јасно видливо. Ако ова е организацијата на финалето, секоја чест за нив ако вака ја замислуваат. Колку пати ме навредуваа, а кога беше прекинат мечот? Ниту еднаш. Во минатото инсистирале да се прекине, и сега навредите почнаа уште пред да се појавам на паркет. И зборуваме за некакво официјално натпреварување? Но, правилата веројатно не се практикуваат еднакво за сите“.

Околу навивачите тензии и скандирања на прес-конференцијата се осврна и тренерот на Црвена Звезда, Јанис Сферопулос.

„Искрено, не ми се допаѓа ова меѓу навивачите, не сум од вчера, го разбирам јазикот. Не ми се допаѓаше ниту во Грција. Навредите се лични, јас претпочитам атмосфера без таквите навреди. Некогаш ќе победиме, понекогаш ќе изгубиме, сето тоа е дел од играта, дербијата се такви, но најважно е да се игра кошарка а не во фокус да се навивачите“ – истакна тренерот на Црвена звезда.

Интересно, при доделувањето на пехарот, екс-претседателот на Црвена Звезда, Небојша Човиќ, а сега претседател на КСС, не се ни трудеше да одглуми професионализам, повеќе радувајќи се на пехарот од играчите на Црвена Звезда.

Се вчитува...