Египетскиот репрезентативец Мохамед Салах игра сезона на соништата во дресот на Ливерпул. На најдобар можен начин сето тоа го потврди и на денешното гостувањето против Манчестер сити на „Етихад“ каде со гол и асистенција учествуваше во победата на „црвените“ од 0-2.
Со тоа, Салах дојде до бројката од 25 гола и 16 асистенции оваа сезона во Премиерлигата, запишувајќи се во историјата на ова натпреварување како прв играч на кого во две сезони му успеало да биде дел од постигнувањето на најмалку 40 погодоци за својот тим.
Претходно, во сезоната 2017/18 Салах постигна 32 гола, дополнети и со 10 асистенции, што значи вкупно 42 учества за гол на својот тим, а сега е веќе до бројката од 41, но сето тоа може да го подобри до крајот на првенството кое има уште 11 натпревари.
Салах, покрај тоа, дојде и до бројката од 183 погодоци во Премиерлигата, па сега му недостасува само уште еден да го надмине Серхио Агуеро, и да дојде до место меѓу петте најдобри стрелци во историјата на лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

