Анчелоти: „Модриќ? Па, тој може да игра за Реал додека тој сака!“

Хрватскиот репрезентативец Лука Модриќ и на свои 40 години игра феноменален фудбал на највисоко професионално ниво. Сето тоа го покажа и на денешниот натпревар во Ла Лига на кој запиша феноменален погодок, без сомнение, најзаслужниот за победата и трите бода на „кралевите“ против Џирона.

А, договорот на легендарниот Хрват со Реал истекува на крајот од сезоната. Има многу прашалници дали кариерата ќе ја продолжи во овој клуб, па вечерва, се чини, одговорот го даде тренерот на Реал, Карло Анчелоти.

„Дали Модриќ ќе замине ова лето? Лука Модриќ може да игра за Реал Мадрид додека сака. Тој е вистински подарок за фудбалот и може да остане колку што сака. Го прави тоа што го прави најдобро. Реал Мадрид е среќен што ја има оваа легенда“ – изјави Анчелоти, притоа споредувајќи го Лука со една од легендите на Милан во времето додека тој го предводеше клубот.

„Имав уште еден 40-годишник кој ја освои Лигата на шампионите – тоа е Паоло Малдини. Можам двајцата да ги споредам… Тоа не е случајно. Гените се важни за кариерата, но и ставот, посветеноста и професионализмот“.

Лука оваа сезона одигра 39 натпревари. Постигна четири гола и запиша шест асистенции. Нема сомнеж дека Модриќ има уште многу што да покаже на теренот, ако се знае дека физички е максимално подготвен како и во неговите најдобри денови. А, Реал секако може да профитира од него.

Модриќ во септември ќе го прослави својот 40-ти роденден. Факт е дека се уште не го кажал последниот збор затоа што сака да освои уште трофеи, и покрај тоа што во моментов Лука е најодликуваниот играч во историјата на клубот, со вкупно 28 големи трофеи зад своето име.

Се вчитува...