Кошаркарската репрезентација на Македонија славеше со 88-74 на домашен терен над Полска, за крајот на овој квалификациски циклус во кој нашата национална селекција не успеа да ја оствари целта и да обезбеди пласман на Евробаскет 2025. Одигравме квалитетно по нотите на Ти-Џеј Шортс кој маестрално ја предводеше Македонија на овој меч, за втора победа над Полска, за жал недоволна за билет на претстојниот континентален собир.
Јончевски изненади со одлуката мечот да го стартува без Шортс во почетната петорка, со Димитријевиќ, Војдан Стојановски, Ѓуроски, Зеќири и Бојан Крстевски. Имавме очигледно проблеми во нападот во првите три и пол минути, во кои постигнавме само една тројка преку Димитријевиќ (3-6). Војдан Стојановски од контранапад донесе прво водство на Македонија од 8-6. а Шортс и Маслинко влегоа заедно во 6. минута при езултат 10-10. Македонија заигра подобро со Шортс и Димитријевиќ на теренот, Американецот погоди две тројки и донесе водство од 21-16, потоа и ја заврши четвртината со дополнителни пет поени, по што на крајот од првиот период резултатот гласеше 26-19 за Македонија.
Втората четвртина ја почнавме со тројка на Робев за наше прво двоцифрено водство (29-19). По излегувањето од игра на Шортс (две лични грешки) Полска ја преполови негативата, па резултатот во 15. минута гласеше 34-29 за Македонија. Димитријевиќ влезе во ритам, ја вративме предноста на девет поени (40-31), принудувајќи го полскиот селектор на тајмаут. Судиите стапија на сцена со катастофално досудена лична грешка во напад на Димитријевиќ по очигледен прекршок над нашиот плејмејкер. Успеавме да го исконтролираме резултатот, но Полјаците дадоа тројка на 11 секунди до крајот и ја спуштија разликата на поподносливи шест поени.
Чудниот судиски критериум и недосудените прекршоци над Димитријевиќ продолжија и во третата четвртина, а Полска знаеше да го искористи тоа и да дојде на еден поен негатива (48-47), пред Шортс и Маслинко да се вратат на теренот. Полјаците имаа беспрекорен шут од далечина во третата четвртина, со нова тројка израмнувајќи на 53-53, но Шортс ги презеде работите во свои раце, со четири поени и асистенција (тројка на Ефремовски) носејќи водство од 60-54. Зеќири се врати во ритам и постигна нови пет поени во низа, враќајќи ја предноста на Македонија на „плус десет“ (65-55). Полскиот селектор побара тајмаут, но шутот престана да ги служи гостите, па нашите кошаркари влегоа во последната четвртина со водство од 67-55.
И повторно иста слика, четвртината ја почнавме без Шортс на теренот и очигледно се мачевме, предноста се намали на 69-63 и Ефремовски направи лична грешка што судиите неочекувано ја оквалификуваа како неспортска. Полска го искористи тоа и се приближи на 69-66. Со Шортс на теренот се одлепивме на 73-66, но Полска по тајмаутот постигна тројка од девет метри и се приближи ан „минус четири“. На сцена стапи Маслинко, блескајќи со шест поени кога резултатот се кршеше, па со атрактивното забивање на кошаркарот на МЗТ Скопје нашата национална селекција поведе со 81-71 на нешто повеќе од три минути до крајот. Предноста беше дополнително зголемена до самиот крај, за заслужена победа на Македонија од убедливи 88-74, за крајот на овој квалификациски циклус.
Ти-Џеј Шортс одигра фантастичен меч со 21 поен (само едно промашување од поле) и 4 асистенции, Маслинко го одигра својот најдобар репрезентативен меч со 22 поени, Зеќири имаше 17 поени, седум скока и четири асистенции, додека Ненад Димитријевиќ го заврши мечот со 11 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА