Манчестер Јунајтед важи за еден од најбогатите светски фудбалски клубови во последните две децении, но гигантот од „Олд Трафорд“ се соочува со несекојдневна ситуација. Не само што тимот не успева да влезе во победнички ритам ни по тренерската смена, туку новиот косопственик Џим Ретклиф изнаоѓа нови и нови начини за да ги крати трошоците.
Манчестер Јунајтед веќе отпушти 250 вработени во клупската администрација, најавено е дека годинава ќе следат откази за уште 200 лица, а менаџерот Рубен Аморим на денешната прес-конференција отворено говореше и на оваа тема, преземајќи дел од вината за она што се случува на „Олд Трафорд“.
„Едно е сигурно, кога тимот е успешен, генерира повеќе приходи и парите во тој период не се проблем. Факт е дека нашите резултати и кризата во која се наоѓаме се дел од причината за ова што се случува, за луѓе кои добиваат отказ по долгогодишна работа во нашиот клуб. Екипата е генератор на сите работи во клубот, како позитивни, така и негативни, нашите успеси се одразуваат за убави работи, но исто така и неуспесите оставаат силна трага. Тешко е, тешко за сите, гледаат пријатели како остануваат без работа, но мораме сите да стиснеме заби, да останеме фокусирани и да му помогнеме на клубот на најдобар можен начин. Мора да се почне од тоа како воопшто се најдовме во ваква позиција, да ги воочиме проблемите и потоа да бараме решенија за нив“, истакна Аморим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

