Денеска со 1/4 финалните натпревари, продолжуваат возбудувањата и во Купот на Македонија, после кои ќе бидат познати сите полуфиналисти во најмасовното натпреварување, со оглед дека се игра само еден меч, без реванш.
Најинтересно ќе биде во Скопје, каде што Вардар го очекува еснескиот првак Силекс во битка за пласман во полуфиналето. „Црвено-црните“ најавија жестока битка на овој фронт, како единствена можност за излез во Европа идната сезона. Кратовскиот тим, пак, со само еден освоен бод во првите две кола од пролетниот дел од шампионатот, веќе заостанува во битката за титулата, па можеби ова ќе им биде последна шанса да фатат приклучок за освојување на некој трофеј во оваа за нив успешна сезона.
Во Струга, актуелниот првак Струга ТЛ го чека тимот на Гостивар. Два тима кои имаат амбиции да дојдат до пехарот во Купот. Особено тоа важи за Струга ТЛ која веројатно после две години доминација, ќе мора да го предаде тронот на некој друг тим, па затоа можеби максимален фокус ќе стават на Купот. Гостивар, пак, очекува успех и во ова натпреварување, откако во домашниот шампионат и натаму е во жестоката битка за титулата заедно со Шкендија, Работнички и Силекс.
На натпреварите во Струмица и во Радовиш, ќе има и по еден второлигаш. Шкендија гостува во Радовиш на екипата на Детонит, и важи за голем фаворит во пресметката со домашната екипа. Истото се однесува и за АП Брера, која влегува како фаворит во дуелот со Арсими. Јасно е дека АП Брера нема никакви шанси за висок пласман во ПМФЛ, па за нив Купот е единствена шанса да се дојде до успех сезонава и до излез во Европа.
КУП НА МАКЕДОНИЈА, 1/4 ФИНАЛЕ
Струмица: АП БРЕРА – АРСИМИ
Радовиш: ДЕТОНИТ – ШКЕНДИЈА
Струга: СТРУГА ТЛ – ГОСТИВАР
Скопје: ВАРДАР – СИЛЕКС
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА