Нови детали за скандалот во Италија: Гимнастичарки биле принудувани да се соблекуваат откако ќе погрешеле

Италијанската гимнастичка федерација минатиот месец, како што е познато, го отпушти селекторот на репрезентацијата Емануели Макарани поради обвиненија за злоставување девојки.

Сега се појавуваат нови докази за скандалозно однесување и на други тренери од репрезентацијата, покрај селекторот. 58-годишната Макарани ја водеше италијанската репрезентација 29 години, но пред три години две поранешни гимнастичари, Ана Баста и Нина Корадини, ја обвинија за психичка злоупотреба додека ги тренираше. Откако против неа беше покренато обвинение во судот во Монца, таа беше отпуштена.

Во судските досиеја поврзани со процесот против Макарани, има прислушувани разговори во кои директно се обвинува и Хулиета Канталупи, поранешната тренерка на Гимнастичкото здружение Фабриано, клубот во кој тренираа репрезентативките Софија Рафаели и Милена Балдасари, како и повремениот селектор на јуниорската репрезентација.

Обвиненијата се сериозни и доаѓаат од луѓе од гимнастичката средина, меѓу кои и заменичката на Макарани, Олга Тишина, за која судот во Монца го прифати барањето за прекин на постапката. Обвинувањата се особено болни затоа што вклучуваат девојчиња на возраст меѓу 14 и 16 години. Во телефонски разговор на 17 ноември 2022 година, набргу по објавувањето на случајот Макарани, е откриено дека биле применувани посебни мерки за казнување на грешките.

„Со Канталупи беше многу полошо. Имаше малтретирање надвор од здравиот разум. Ако гимнастичарките направеа грешки при изведбата на точката беа принудувани да соблечат дел од облеката. И така по секоја следна грешка, па се случуваше да завршат само по долниот дел од долната облека. Потоа ги заклучуваше во мала ладна соба онака без ништо во себе, бидејќи лошо тренираа. Казнети мораа да седат на подот долго време во ладната соба“ – се дел од сведоштвата.

Наводно, на ваква злоупотреба била подложена и Софија Рафаели, бронзена медалистка на Олимписките игр во Париз. Во пресретнатиот разговор на 1 декември 2022 година, капитенката на италијанскиот тим за ритмичка гимнастика, Мартина Центофанти, на телефон и кажала на мајка си дека Ањезе Дуранти, друга гимнастичарка, дала детални изјави до Канцеларијата за заштита на спортистите, тело формирано од Италијанската гимнастичка федерација каде се добиваат анонимни извештаи од нејзините членови за гимнастика.

Таа го спомна злоставувањето кое го трпат гимнастичарките. Во разговорот се наведува и дека Рафаели била принудена да клекне пред „тренерот“ и да моли за прошка бидејќи направила грешка при вежбањето. Иако жалбата не дојде од Дуранти, таа беше сослушана, но никогаш немаше формално префрлање на случајот до Федералното обвинителство или отворање на досие.

Според достапните информации, ниту во Монца, овој случај не довел до нова истражна постапка или префрлање на досиеја поврзани со Гимнастичкото здружение Фабриано. За разлика од случајот Макарани, овде ниту еден спортист не поднел официјална жалба против Канталупи. Сепак, на многумина им изгледаше сомнително ненадејното заминување на Канталупи од Италија во септември 2023 година, кога го презеде раководството на израелската репрезентација. Од Федерацијата тврдат дека тогашниот претседател Теки направил се што можел за да ја задржи.

Се вчитува...