Ракометарите на Охрид триумфално го стартуваа плејоф шампионатот од мак-ракометот откако како гости стигнаа до цел плен против Бутел (20-22). Охриѓани одиграа одлично прво полувреме во кое имаа целосна контрола и на одмор заслужено стигнаа до предност од удобни 8-13. Избраниците на Алушовски во вториот дел имаа и огромни осум гола предност (11-19), но Бутел заслужува пофалби за покажаниот карактер, домашните ракометари во ниту еден момент не се предадоа, од минута во минута топејќи ја големата разлика.
На една минута до крајот разликата изнесуваше само еден гол (20-21), но охриѓани спречија чудесен камбек со седмерецот на Цицар на 20 секунди до крајот, за конечни 20-22 на овој натпревар. Токму израелското крило со седум погодоци беше најефикасен играч во таборот на Охрид, шест постигна Јотиќ, додека најефикасни во таборот на Бутел беа Ѓеорѓиески и Милошески со по четири погодоци.
Пролет како лидер влезе во плејаутот, улога што скопскиот суперлигаш ќе ја задржи и по ова прво коло откако денеска лесно славеше над Струга со 30-23. Пролет тргна моќно и поведе со 8-3, но стружани изненадија враќајќи се со пет гола во низа и израмнувајќи го резултатот на 8-8. Домаќините успеаја да се одлепат до 15-12 до крајот на првото полувреме, за во вториот дел уште повеќе да ја зголемат позитивата и да слават со конечни „плус седум“.
Покрај одличниот Даскаловски на голот, најзаслужни за победата се Андоновски и Стојановски со по шест погодоци, додека на спротивната страна по четири погодоци за Тинекс Пролет постигнаа Мајнов и Атанасовски. Најефикасни во таборот на Струга беа Ристиќ со 6 и Стојков со 5 гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА