На 3 април 1896 година е отпечатен првиот број на најстариот активен печатен дневен спортски весник во светот – „Ла Газета дело спорт“ (La Gazzetta dello sport) со седиште во Милано, Италија. По три дена, пак, точно на денешен ден пред 129 години, беше официјалното отворање на првите модерни Олимписки Игри во Атина, Грција. На 12 февруари 2006 година, додека се одржуваа Зимските Олимписки Игри (ОИ) во Торино, во Олимпискиот клуб во Торино, “Газета“ и спортскиот весник “Ел Мундо Депортиво“ (Шпанија) кој е основан во 1906 година, добија, од почесниот доживотен претседател на Интернационалниот Олимписки Комитет (ИОК), Хуан Антонио Самаранч, Награда за Медиуми, како признание за нивното 100-годишно олимписко покривање.
Популарната “Газета“ е еден од најугледните и највлијателни спортски медиуми во светот, еден е од најтиражните спортски весници во светот, според многумина е најквалитетен спортски весник во светот. Овој медиумски светски гигант е единствен во светот што се печати на сите континенти. “Газета“ (во 1989 година) и “Л’ Екип“ (во 1988) од Франција се единствените спортски медиуми во светот што ја добиле Наградата “Олимписки Куп“ (“Coupe olympique“) од ИОК, која е востановена од основачот на олимпиското движење, Пјер де Кубертен, а истата се доделува од 1906 година наваму, еднаш годишно, на институции или здруженија што имаат досие за заслуги и интегритет во активното развивање на Олимпиското движење, а првенствено се доделува на групи поврзани со организацијата на ОИ.
Од 1909 година „Газета“ почна да биде организатор и спонзор на еден од најголемите светски спортски настани во историјата воопшто – мега популарната велосипедска трка „Џиро Д’ Италија“, која се одржува во мај и е една од трите најпопуларни велосипедски, воедно Гранд Тур, трки во светот. Другите две трки се “Тур Д’ Франс“ во Франција и “Вуелта“ во Шпанија.
„Ла Газета дело спорт“ се печати во стотици илјади примероци дневно, а во милиони примероци беа отпечатени броевите на “Газета“, по триумфите на репрезентацијата на Италија на фудбалските Светски првенства во Шпанија 1982 година и во Германија 2006-тата. “Газета“ последниве повеќе од триесет години објавила голем број, пред се афирмативни, текстови за македонскиот спорт и за државата Македонија, од што најмногу за фудбалот, а пишувале уште и за кошарка, ракомет, одбојка, борење, маратонско пливање…
Миланскиот медиумски гигант има голема мрежа постојани дописници ширум светот, меѓу кои и од Македонија. Пред два и пол месеци, во средината на јануари, Живко Здравкоски одбележа точно 30 години како постојан дописник на “Газета“ од Македонија. Меѓу многубројните негови текстови, повеќе години Живко Здравкоски известуваше за “Газета“ и за најпознатиот спортски настан во Македонија – Охридскиот пливачки маратон. Многу пати Здравкоски известува и пишува текстови за “Газета“ и за многу меѓународни настани, пред се натпревари (главно репрезентативни, но и од европските натпреварувања), главно фудбалски, што се одржувале (одржуваат) и/ли се поврзани со поголем дел од преостанатите земји кои настанаа од поранешна Југославија. Петта година по ред покрај Здравкоски соработува и младиот спортски новинар Мартин Танасковски. Внатрешен уредник, сиве овие 31-ва година, е Ерол Демир, легендарниот поранешен македонски фудбалер и мошне угледен познавач на спортот, кој беше истакнат репрезентативец на СФР Југославија во младинските репрезентации (вклучително и во У-21) и олимписки репрезентативец на СФРЈ за летните ОИ во Барселона 1992 година, уште беше успешен и трофеен фудбалер на ФК Вардар во неколку мандати, а, додека играше за повеќе успешни клубови, беше член и на Хофенхајм од Германија.

Извонредното интернет издание на „Газета“ излегува 28 години. „Газета“ останува најпопуларниот дневен весник во Италија, со 3,6 милиони читатели. Според друго истражување во 2018 година „Газета“ остана најчитаниот дневен весник воопшто во Италија. „Газета“ е во сопственост на “RCS Media Group“ (од 1976 г. е нејзин дел), а едно од изданијата на “RCS Media Group“ е и „Кориере Дела Сера“ (“Corriere della Sera“). Весников од први јануари 1899 година, и се уште, е препознатлив по неговата розева боја.
Живко Здравкоски – 30 години дописник од Македонија: „Најдраг текст објавен во Газета ми е за легендарниот Ерол Демир“

Здравковски вели дека најдраг текст кој му е објавен во „Газета“ е оној од почетокот на овој милениум – „Чудото Демир се врати (враќа) на терен“, за успешното враќање, на почетокот од овој милениум, пред повеќе од 20 години, на одличниот фудбалер Ерол Демир, по неговата мошне тешка повреда, која ја здоби играјќи, на првенствен натпревар во Првата македонска фудбалска лига, на стадионот во Кочани.
„На залезот од кариерата на Демир, на 21.9.2001 година на мечот Осогово – Силекс во Првата МФЛ, тој заработи тешка повреда. По оваа животно загрижувачка повреда, Ерол Демир беше опериран, при што и едвај преживеа. Меѓу другото, и поради неговата неповторлива волја и труд и вонсерискиот, светски, талент и квалитет, Демир успеа да се врати на зелениот терен, и тоа во рекорден рок што беше вистинско светско чудо, по што блесна за ФК Тиквеш на првенствен прволигашки меч на домашен терен во Кавадарци. Такво враќање не е забележано во историјата на светскиот спорт. Во тој дневен печатен број на “Газета“, имаше една страница за меѓународен фудбал, во која беа објавени 5-6 текстови, меѓу кои, покрај мојов текст за Демир, уште имаше текстови и за историските фудбалски великани шампиони, светски мега популарните (особено во Италија) Марадона од Аргентина и Гулит од Холандија. За ова враќање на Демир, објавија мои текстови, како нивен постојан дописник од Македонија, уште два други спортски весници: ‘Кикер’ од Нирнберг, Германија (дописник е 29-та година за Кикер, н.з.,) и, пред се, ‘Спортски Журнал’ од Белград, Србија, весник кој по еден месец ќе одбележи јубилеј 35 години постоење (тој им беше дописник од 2002 до 2010, и има постојана комуникација со овој весник последниве 25 години, н.з.)“ – вели Живко Здравкоски, кој е и поранешен фудбалер и фудбалски судија, кој веќе 34-та година е спортски новинар, од кои 33 години е постојан дописник од Македонија за повеќе странски медиуми.

Меѓу другото последниве 23 години контиунирано соработува(л) со пет успешни и угледни спортски медиуми од Србија, меѓу кои и за најстариот печатен (од 1904 г.) дневен весник на Балканот “Политика“ од Белград. Работел и во повеќе медиуми, весници и телевизии во Македонија. Пред две недели, Здравкоски одбележа 28 години како постојан дописник на третиот најстар активен печатен спортски весник во светот, германскиот ‘Кикер’ од Нирнберг, Германија, кој весник во јули годинава ќе одбележи 105 години постоење.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА